Extinct mulberries in Radozda
Photo credits by Petar Paunche Skitnik & Nikola Upevche
Димитрие Дурацовски
БОИТЕ НА НОСТАЛГИЈАТА
За ликовниот свет на Славко Упевче
Ние сега зборуваме за нешто кое пред нашите очи исчезнало ненадејно, за едно не толку далечно минато на кое се сеќаваме со носталгија бидејќи тоа минато е дел од нашите животи, посебно оние детските, незаборавните. На тоа незаборавно минато не враќаат овие аркадиски предели во сликите на Славко Упевче, охридскиот мајстор од онаа најблагородна сорта која минатото го сочувала со потезот на својата четкичка и со боите врз платното или хартијата. Неговиот ликовен израз е бојата. Кога слика, уметникот мисли на колоритот со кој го решава сликарскиот проблем, подсвесно зачувувајќи ја структурата на формата и нејзините тактилни и хроматски содржини. Тој не се занесува со фикс-идејата да се биде оригинален, не мисли дека тоа е она најважното. Спонтаноста на изразот во делата на Славко Упевче потекнува од неговата свест дека на своите платна и хартија го пренесува она што во мигот го гледал и го сочувал како симулакрум бидејќи во една отсечка во идниината тоа веќе исчезнало. Како да се преплетуваат сонот и јавето, реалното и измисленото, и ние во еден момент содржините во делата на уметникот ги гледаме како фикција, како некоја чудна иреалност на нечиј сон или одраз на некој друг свет. Бидејќи она што го гледаме на сликите повеќе го нема, исчезнало во реалноста, тоа е сега една некогашна зачувана стварност.
Живеејќи на бреговите на Охридското езеро, облеан со светлините на синото небо, во еден наш мал Медитеран, на Славко Упевче не му беше гајле за движењата и за менливоста на стиловите кои се одвиваа во големите метрополи. Далечни му се иновациите во сликарството и тие воопшто немаат никакво влијание врз неговото сликарство. Со таа своја незаинтересираност тој достигна потполна комуникативност на своето сликарство така што оној кој гледа негова слика совршено го разбира неговиот јазик и на тој јазик може да комуницира сам со себе и со авторот и преку делата да ја осознае биографијата на самиот автор и со суштината на пределите насликани во делата. Тоа е мигот кога уметничкото дело постанува глас упатен на некој друг. Времето насликано во делото е време на смиреност и време кога емоциите се потопени во некаква копнеж и мечтаење. Тоа на овие глетки им дава чувство на притаеност и исчекување на нешто кое го очекуваме, зад перспективата на сликата, нешто што ни изгледа некако препознатливо и блиско во сиот тој притаен немир, предизвикувајќи копнеж кон нешто што не прави смирени под тие небески светлини кои го осветлуваат синото езеро и ова поднебје на сликите на Славко Упевче го прват волшебно.
Не е овој наш уметник само неуморен хроничар на неговиот роден Охрид, се уверуваме дека не е така гледајќи ги овие неповторливи предели од спротивната страна на Охрид, од брегот каде што е распослано Радожда каде што уметникот навраќал да ги наслика убавините и необичностите на овој крај, барајќи ги низ раскошните крошни на радошките муренки свилените конци на свилените буби испреплетени меѓу гранките и лисјата, храната за нивните ларви кои ги ткаат свилените конци во крошните на муренките. Го барал Славко Упевче тој величествен златен конец кој го поврзува минатото со сегашност и преку своите слики создал една елегија на минатите времиња зачувувајќи ги во своите дела прочуените радошки муренки, тие величествени стебла кои ги даваа најблагите плодови во форма на минијатурни гроздови, бели, црвени, темно црвени и пурпурни, тие благородни дрвја кон кои се однесувавме со негрижа и неодговорно дозволивме скоро да исчезнат. Ги имаше и низ Струга, се сеќавам на тие податливи зрели плодови кои децата воодушевено ги јадеа и на нивниот сок кој го испуштаа кога ќе се гризнеа, тоа потценето овошје на нашето детство. Но најмногу ги имаше во Радожда, си мислам присетувајќи се на некогашните времиња, дека во Радожда имаше само муренки и ништо друго освен муренки.
Ја имаме таа среќа уметникот Славко Упевче со својот сензибилитет да насети дека тие благородни дрвја еден ден неповратно ќе исчезнат и да ги овековечи на своите слики. Тие величествени стари муренки од некои некогашни минати времиња, зачувани како призраци во меморијата на луѓето и во овие слики, насликани со боите на носталгијата.
МУРЕНКИТЕ НА УПЕВЧЕ
„Нашата муренка е благословена, таа е нашиот ангел Христов. Јас ја почитувам како нешто свето. (… ) Не гледаш ли колку жени доаѓаат секој ден… и земаат од нејзината кора за лек против секаков пришт?“ Овој благослов за муренката изустен од устата на мајката на Григор Прличев, Марија Ѓокова, го ставам на почетокот за да напоменам дека ова хранливо и многу лековито овошје денес е недоволно познато и речиси заборавено. Носталгично кон времето на муренките нѐ враќа оваа раскошна и величествена галерија на муренки од Славко Упевче. И благословот на мајката и сликите на уменикот обвиени се во некоја мистична аура која по себе остава моќна веродостојна светлосна трага.
Насловот на изложбата „Муренките од Радожда“ упатува на локалитет на западната страна на Охридското Езеро во кој муренките некогаш во изобилие го нуделе својот раскош збогатувајќи го, истовремено надреално и реално, крајезерскиот пејзаж. Денес тоа може да се види од сликите на Упевче кој виталноста на муренките ја црта и слика речиси половина век, оставајќи во наследство едно волшебно богатство за нивниот „изгубен мит“. Преширок е духот на сликарот-уметник роден во овој крај да го побара, да го пронајде и да го визуелизира епското, митското, духовното, но и лирското во нив. А сега, само остатоците од тие моќни стебла небаре разурнат замок од некое замислено, но и блиско, време. Совршено вистинито, одамна на овој простор немало слики кои така природно се вклопиле во него. Сѐ е во совршен склад!
Славе Ѓорѓо Димоски
Изложба „ Муренките црници во изумирање во Радожда“ на Славко Упевче
Секој град има свое обележје. Охрид го красат и историски и природни обележја, и затоа е прва класа место за живеење. Ho, за да остане во сеќавањето на поколенијата, на посетителите, мора да се сочувува и да се внимава на него. Денеска многу вредности се запоставуваат, ги снемува. Се мисли само на што побрзо богатење уништувајќи ја својата историја и природата со која градот се гордеел и опстојувал.
Благодарејќи на уметниците од минатото ние знаеме за обичаите, како ce живеело, каде се живеело, како празнувало и слично. Уметниците низ вековите со голема трпеливост, секој со својата умешност, ни оставиле и ни оставаат дела од времето нивно за идните поколенија.
Охрид има среќа што вo пазувите однегувал два современи ликовни творци. Едниот ја прикажувал убавината на охридската светлина, на флората, особено онаа невидливата на подводниот свет, тоа e Вангел Наумовски. Вториот, почитуваниот колега Славко Упевче, на чијашто изложба присуствуваме вечерва, е хроничар на овој град и на охридското крајбрежје, сочувувајќи го во своите дела, видливото кое, за жал, полека го снемува. Тој остави и ќе остава низа дела во кои е овековечена архитектурата на Охрид, занаетите, чаршијата, градот со сите свои обележја. Како да му останал завет од славниот охриѓанец Прличев кој вели: „Неработенето је мајка на сфите таксирати.“ Ова станало максима на творечкиот пат на Упевче, кој неуморно работи на зачувувањето на минатото.
Последнава изложба тематски е посветена на Муренките црници во изумирање во Радожда. Да не заборавиме дека токму во Радожда сè уште има остатоци од Виа Игнатија. Можеби по тој пат се пренесувала и црницата, бидејќи била храна на римските легионари. Муренка, црница, дудинка, дуд, карадуд, мурва, мора – низа називи низ Медитеранот за едно дрво. На прашањето дали Македонија е медитеранска земја, Предраг Матвеевиќ во својот Медитерански бревијар вели – се разбира, Охрид е македонскиот Медитеран. Ова дрво кое до скорото минато беше многу ценето, како поради хранливоста, лековитоста, постојаноста, како дрво-хранител на свилената буба, како дрво обојувач или облагородувач на ракијата, полека го снемува и се заборава.
Во Охрид, кога ќе се каже да се најдеме под муринката, се знае дека тоа е култното место во близина на езерото со широка ладовина под која се собираа еснафите. Кој знае какви сè муабети се залепени на кората на таа муренка.
Славчо ме поттикна да истражувам за муренката и овие мои забелешки за црницата – ги одгуглав. Открив дека тоа дрво не можат да го нападнат никакви инсекти и паразити. Има своја самозаштита. Значи може да настрада само од невниманието на човекот. Изненаден бев што сè сум заборавил за дудинката со која сум растел во мојот двор во Маџир-маало во Скопје. Секој ден сум се засладувал со плодовите од нашиот карадуд. Кој знае. можеби уште делуваат нејзините плодови.
Се прашувам, дали идните генерации ќе се засладуваат со плодовите на црниците. Ако добро ги погледнеме делата на Упевче, ќе забележиме дека муренките ги чувале со големо внимание, виснатите гранки ги потпирале со ср’ци да не се скршат, дали од старост или од натежнатост. Тие важни моменти кои се на пат да станат минато, Упевче многу убаво ги има забележано во техниките пастел, акварел, цртеж и масло.
Му честитам за изложбата пожелувам да ни пружи уште многу визуелни доживувања.
академик Газанфер Бајрам
7. 7. 2022 година, Охрид

































































































Recent Comments